На источниот брег на Русија морето исфрли необично влакнесто чудовиште кое локалните жители ги остави во шок, објави “Сајбериан тајмс”. Суштеството има долга опашка и е прекриено со крзно, а наводно е големо колку три човека и нема видлива глава, ниту очи.
Граѓаните на локалното место нагаѓаат дека се работи за некој изумрен вид кој заостанал во длабочините или за леш на влакнест мамут кој испливал по топењето на мразот.
Научниците, од друга страна, мислат дека се работи за дел од кит.
Телото испливало на брегот кај селото Пакахачи, а Светлана Даденко, која беше сведок на овој необичен настан, тврди дека најмногу ја изненадил фактот дека животното е под крзно.
“Дали е тоа некое древно суштество? Се надевам дека научниците ќе ни ја објаснат оваа енигма. Изгледа како влакнест октопод. Баш е чудно”, истакна таа, а еден руски биолог ја изнесе својата теорија.
“Мислам дека се работи за дел од кит. Под влијание на морето, времето и разните животни, китовите често попримаат бизарни облици. Ова е само дел од китот, а не цело животно”, рече рускиот морски биолог Сергеј Корнев.