Проблемите со мобилниот одел на Sony продолжуваат. Последниот финансиски извештај на компанијата за вториот квартал на годината, открива дека за периодот таа успеала да продаде само 2 милиони смартфони, што е значителен пад од 3.4 милиони единици пред една година.

Мобилниот бизнис генерирал приходи од 132.5 милијарди јени (1,18 милијарди долари), што е пад од 27%, a за кварталот е забележана загуба од 10,8 милијарди јени (96.8 милиони долари). Компанијата истакнува дека ова се должи на падот на продажбата главно во Европа и Јапонија.

Во текот на овој период, под-оделот успеа да ги намали своите оперативни трошоци, што треба да им помогне на долг рок. Во пролетта Sony направи прогноза дека оваа година ќе успее да испорача 10 милиони смартфони, но со новите финансиски резултати прави корекција на оваа бројка со негативен предзнак и компанијата веќе тврди дека испораките ќе бидат околу 9 милиони парчиња.

Очекувањата се единицата да ја заврши фискалната година со приходи од 610 милијарди јени (5.47 милијарди долари) и оперативна загуба од 30 милијарди јени (269 милиони долари).