Големите автомобилски компании се повеќе ресурси насочуваат кон развој на електрични возила, кои во иднина ќе доминираат на патиштата низ целиот свет. Иако овој процес ќе биде доста долг, некогаш, барем во многу земји, електричните автомобили целосно ќе ги заменат возилата со бензински и дизел мотори.
Земјата со моментно најголем удел на електрични автомобили во вкупниот број на возила на пазарот е Норвешка, а токму оваа земја сака да биде еден од пионерите кога станува збор и за електрични авиони. Откако во Норвешка е тестиран мал електричен авион за две лица – во кој седел и министерот за транспорт Кетил Солвек-Олсен, од ова министерство најавиле дека веќе од 2025 сакаат да овозможат комерцијални летови за е-авиони.
Солвик-Олсен овој лет го нарекува доказ дека работите брзо се менуваат и движат кон зелено воздухопловство и потсетува дека и најголемите имиња во авио-индустријата (Boeing и Airbus), исто така развиваат електрични авиони. Кога на тоа ќе се додаде и падот на цените на батериите, планот според кој до 2040 година над Норвешка ќе летаат само електрични авиони се чини дека не е само научна фантастика.
Норвешкиот министер за транспорт во електричната иднина полетал со авионот Alpha Electro G2 на словенечката компанија Pipistrel. Станува збор за авион тежок 570 килограми, во кој летот бил многу потивок споредбено со конвенционалните летала, но министерот признава дека пилотската кабина била прилично тесна, со големи удари на ветер.
Според Солвик-Олсен овој тип на авиони уште некое време нема да бидат во можност да им конкурираат на конвенционалните авиони според дометот, но е идеален за Норвешка, каде што луѓето често патуваат на оддалеченост до 200 километри, како и поради фактот дека дури 98 отсто од електричната енергија е добиена од обновливи извори на енергија.