Кога ќе се спомене Бугарија, малкумина се оние кои веднаш би ја поврзале оваа земја со спортските и супербрзите хиперавтомобили. Сепак, изгледа дека Бугарите сакаат да го променат ова и да достигнат популарност како Италијанците кои се дефинитивни кралеви кога станува збор за суперавтомобилите.
Нашиот источен сосед претстави концепт на хиперавтомобил кој се нарекува “Alieno”, а според плановите на неговите креатори тој ќе поседува над 5000 коњски сили. Тоа исто така значи дека овој автомобил ќе поседува брзина од речиси 500 км/ч., што е поблиску до авион отколку до автомобил.
Многумина се загрижени за безбедноста на “Alieno” бидејќи никој не е сигурен дали овој автомобил може да се управува при толкава брзина и дали воопшто ќе биде безбеден за возење.
Уште еден факт, кој за многумина е шокантен, е тоа што овој автомобил ќе го придвижува целосно електричен погон. Доколку Бугарите успеат да произведат 5000 коњски сили со помош на електрично возило, тоа ќе претставува вистинска автомобилска револуција. Добрата вест е што со едно полнење, автомобилот ќе може да помине пат од 1000 километри што е навистина задоволувачки.
Секако, цената на овој хиперавтомобил нема да биде ниска – произведувачите велат дека “Alieno” ќе биде достапен по цена од 1,5 милиони евра, иако се уште не е познат во колкав број ќе биде произведен истиот.
Извор: Muskimagazin.rs
Фото: Carscoops