Реформирање на системот за развој на стручни вештини и стекнување квалитетно стручно образование за млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, но и постари, што ќе придонесе за нивно вработување, е целта на десетгодишниот проект „Образование за вработување во Македонија“ (Е4Е@mk), на Амбасадата поддршка на Швајцарија во Македонија.
Во првите четири години од проектот, кој се спроведува и чија цел е стимулирање на вработување преку подобрување на стручните вештини, се очекува да бидат вработени 2.250 млади луѓе.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија рече дека проектот ќе има буџет 12,5 милиони евра и очекуваат да даде значаен придонес кон целта на Владата за реформа на системот за развој на стручни вештини.
– Крајната цел е млади луѓе да добијат работно место. Само во првите четири години од проектот очекуваме 2.250 млади да бидат вработени како резултат на заедничките напори со Владата, а следните години тој број да се зголеми, додаде Сутер Техада.
Тим-лидерот на проектот од швајцарската невладина организација „Хелветас“, Курт Вутрих рече дека посебен фокус се посветува на младите кои се соочуваат со поголеми тешкотии при пристапување кон пазарот на трудот, како што се лицата со хендикеп…
В.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ рече дека неколку години наназад согласно насоките од нивните компании-членки, укажувале дека има проблем со недостиг на квалификувана работна сила во земјата. Потенцира дека согласно статистичките податоци кај младата популација невработеноста изнесува 44 проценти.
– Значи имаме вработеност на младата популација до 24 години од 17,5 проценти во првиот квартал од годинава. Треба да се преземат сериозни чекори за ваквата слика да се промени. Имаме намалување на продуктивноста на трудот, а имаме зголемување на трошоците за труд по единица производ. Тоа укажува на неповолни трендови кои се однесуваат на бизнис заедницата. Затоа сметаме дека со почетокот на овој проект ќе придонесеме да може да се создаде една клима за формирање квалитетен образовен процес кога станува збор за средното стручно образование, рече Пеева Ѓуриќ.
Додаде дека потребна е дополнителна флексибилност на наставните програми, а воведувањето на овој дуален модел на средно стручно образование ќе помогне во таа насока.