Приватната вселенска компанија Blue Origin ги најави плановите за почеток на продажба на билети за туристички вселенски летови од почетокот на наредната календарска година. Засега не се открива цената на летовите но беше најавено дека тестовите за потенцијалните патници ќе започнат наскоро.
Заменик претседателот на Blue Origin, Роб Мејерсон, го најави новиот проект на Самитот на Amazon кој се одржа неделава.
Туристичките вселенски летови ќе бидат резервирани за оние кои можат да си го дозволат тоа. Елитните летови веројатно ќе чинат многу, но ќе понудат незаборавно и уникатно искуство преку кое аматери и луѓе кои не се дел од вселенската индустрија ќе можат да отпатуваат надвор од Земјината атмосфера и ќе го погледнат универзумот од еден друг агол.
„Во моментов работиме на праќање на патници во вселената. Најпрво следуваат тестовите, па некаде кон почетокот на следната година ќе почнеме и со продажба на карти“, рече Мејерсон.
Оние кои ќе можат да си го дозволат ова искуство ќе летаат во вселенската капсула New Shepard, која може да прими шест астронаути и зафаќа простор од 161 метри квадратни – 10 пати повеќе од капсулата Mercury на NASA. Кога капсулата со патниците ќе се искачи на 100 метри над Земјината површина, патниците ќе можат да ги одврзат каишите и да се прошетаат низ капсулата во бестежинска состојба. Мисијата ќе заврши со меко слетување помогнато од падобран некаде во пустината во Тексас.