Што се крие зад „тивките“ телефонски повици – кои често доаѓаат од меѓународни броеви – каква е нивната поврзаност со современите измами и каде во сето тоа се вклопува вештачката интелигенција?
Сигурно ви се случило барем еднаш: телефонот ѕвони, вие одговарате со „Ало?“, но слушате само целосна тишина, по што врската се прекинува.
Иако повеќето луѓе можеби мислат дека станува збор за технички проблем во мрежата, експертите од Kaspersky предупредуваат дека овие повици често се поврзани со софистицирани сајбер-измами. Примарната цел на напаѓачите не е само да проверат дали вашиот број е активен, туку и да дојдат до вашите биометриски и лични податоци.
Благодарение на брзиот развој на вештачката интелигенција (AI), на измамниците им е доволен само еден збор од вас за да дојдат до исклучително чувствителни информации. За само неколку секунди, AI моделите можат да го анализираат вашиот глас и да одредат од кој регион доаѓате, каков ви е акцентот, приближната возраст и полот, па дури и да утврдат во кои делови од денот најверојатно сте достапни.
Сите овие податоци се складираат и подоцна се користат за креирање насочени напади преку „социјален инженеринг“, при што измамниците се претставуваат како претставници на банки или државни институции.
Најголемата опасност од овие тивки повици лежи во собирањето примероци од вашиот глас. Измамниците често комбинираат снимки од неколку кратки повици за да создадат многу уверлива реплика на вашиот глас – феномен познат како voice deepfake. Овој генериран глас потоа се користи за повикување на вашите пријатели, колеги или членови на семејството; измамниците се претставуваат како вас и, повикувајќи се на итна ситуација, бараат пари или чувствителни пристапни кодови за вашите сметки.
Ако добиете „тивки повик“, нема потреба од паника – тоа не значи нужно дека сте хакирани, но е знак дека треба да бидете многу повнимателни.
За да се заштитите, експертите за безбедност советуваат да не одговарате на повици од непознати броеви и никогаш да не им возвраќате на тие повици. Тоа може да доведе до дополнителни трошоци, особено ако станува збор за меѓународни броеви или броеви со повисока тарифа. Ако сепак одговорите, почекајте другата страна прва да проговори – ако слушнете само тишина, веднаш прекинете ја врската и блокирајте го бројот.
Како дополнителна заштитна мерка, се препорачува да го одделите приватниот живот од активностите што се јавно видливи, преку набавка на втор телефонски број. Вашиот примарен број чувајте го исклучиво за семејството и блиските контакти, додека вториот број користете го за достава на пратки, онлајн купување, огласи и регистрирање на веб-страници. Ова значително ќе го намали ризикот вашите лични податоци да завршат во базите на податоци на сајбер-криминалците.
