Европската комисија предлага забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 13-годишна возраст, додека родителскиот надзор би бил задолжителен за тинејџери на возраст до 15 години.
Европската комисија (ЕК) предложи забрана за пристап до социјалните мрежи за деца под 13 години и воведување задолжителен родителски надзор за корисници на возраст од 13 до 15 години, како дел од новите правила насочени кон подобрување на безбедноста на децата на интернет.
Според предложениот закон на ЕУ за децата (EU Kids Act), минималната возраст за отворање самостојна сметка би била 15 години, додека за деца на возраст од 13 до 15 години би бил потребен родителски надзор, пренесе Ројтерс.
Обврската да докажат дека нивните услуги се безбедни и соодветни за возраста е префрлена на големите технолошки компании.
Новите правила би важеле за социјалните мрежи, платформите за споделување видеа, онлајн видеоигрите, асистентите со вештачка интелигенција и чет-ботовите што нудат услуги за корисници помлади од 18 години.
Предлогот забранува функции што предизвикуваат зависност, фидови со препораки засновани на профилирање кои би можеле да ги насочат малолетниците кон штетна содржина, како и бесконечно скролање (infinite scrolling) без природни точки за запирање.
Исто така, се предвидува забрана за механизми за наградување и испраќање „пуш“ известувања во текот на ноќта, како и иницирање контакт со малолетници од страна на непознати лица.
Профилите на малолетниците стандардно би биле поставени како приватни, додека функциите за геолокација, камера и микрофон би биле оневозможени. Според овој предлог, од онлајн услугите би се барало да понудат едноставни алатки за блокирање и исклучување на други корисници, управување со времето поминато на платформата и обезбедување безбедни системи за препораки што малолетниците можат да ги контролираат, менуваат и ресетираат.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на опасностите што онлајн услугите ги претставуваат за малолетниците, наведувајќи дека целта на новите мерки е да се подобри нивната безбедност на интернет.
