Компанијата OnePlus издаде соопштение во врска со гласините за затворање на овој популарен бренд.

Откако низ интернет се прошири алармантна вест дека популарниот кинески бренд OnePlus се распаѓа, компанијата беше принудена итно да реагира и да ја разјасни судбината на своите паметни телефони.

Гласини за „тивко исклучување“ на брендот OnePlus почнаа да циркулираат по извештаите од одредени технолошки портали кои тврдеа дека компанијата Oppo, во чија сопственост е OnePlus, целосно ќе го апсорбира овој бренд и ќе престане со производство на хардвер под тоа име.

Според овие обвинувања, планот бил OnePlus да остане само „име на хартија“ за специфични софтверски услуги, додека развојот на телефони ќе биде целосно запрен.

Сепак, брзо дојдоа негирања од компанијата. Робин Лиу, еден од лидерите на компанијата, се огласи на социјалните мрежи и рече дека тврдењата за затворањето се „целосно лажни и неосновани“.

„Нашиот бизнис работи нормално. OnePlus останува посветен на иновациите и своите корисници низ целиот свет“, се вели во официјалното соопштение. Компанијата нагласи дека плановите за идните уреди се уште се во сила и дека корисниците немаат причина да се грижат за постпродажната поддршка и ажурирањата на софтверот.

Иако негирањето дојде брзо, технолошките аналитичари нè потсетуваат дека OnePlus со години се соочува со „криза на идентитет“. Откако интеграцијата со Oppo стана подлабока, OnePlus изгуби дел од својата оригинална уникатност која го красеше на почетокот – познатиот „убиец на флегшип“ (flagship killer) имиџ е заменет со стратегија која речиси не се разликува од конкуренцијата.

Останува да се види дали овие гласини се само резултат на шпекулации или навестување за поголема реорганизација во рамките на групацијата BBK Electronics, на која припаѓаат овие брендови.