Се појавија нови информации за следната генерација на безжични мрежи – Wi-Fi8, која нема да донесе поголеми брзини, но ќе ја подобри сигурноста, стабилноста и одзивот.
За разлика од претходните генерации кои се фокусираа на брзината, Wi-Fi 8 (стандардот 802.11bn) ќе биде насочен кон работа во предизвикувачки средини, како што се преоптоварени мрежи, слаби сигнали и голем број поврзани уреди.
Според достапните информации, Wi-Fi 8 ќе овозможи: до 25 проценти поголем проток во неповолни услови; до 25 проценти помала латенција во реални средини; до 25 проценти помалку загуби на пакети податоци, особено при движење помеѓу пристапни точки.
Ова значи дека мрежите ќе бидат посигурни и постабилни, што е клучно за уредите на кои им е потребна постојана поврзаност – како што се паметните телефони, IoT уредите, проширената реалност (AR) и индустриските системи.
Wi-Fi 8 ќе ги користи постоечките фреквенции (2,4 GHz, 5 GHz и 6 GHz), но ќе воведе напредни методи како што се координирано насочување на сигнал (beamforming), динамичко управување со подканали и подобрено управување со пристапни точки во мрежата.
Сето ова треба да го подобри корисничкото искуство, особено на места како аеродроми, стадиони, трговски центри и канцелариски згради.
Првите уреди што го поддржуваат Wi-Fi 8 би можеле да се појават кон крајот на 2027 година или почетокот на 2028 година, со оглед на тоа што Wi-Fi Alliance најави сертификација за јануари 2028 година, додека конечната потврда на стандардот се очекува во март истата година.