Европската комисија соопшти дека популарната кинеска онлајн платформа Temu ги крши прописите на Европската унија, бидејќи не презема доволно мерки за да ја спречи продажбата на нелегални и небезбедни производи на своите корисници.

Доколку овие обвинувања се потврдат, Temu би можел да се соочи со висока парична казна која може да достигне до 6 проценти од вкупниот нивен годишен глобален приход.

„Постојат големи ризици потрошувачите во ЕУ да наидат на нелегални производи преку платформата“, стои во официјалното соопштение, пренесува „Ројтерс“. Наводно, било откриено дека купувачите на Temu лесно можат да дојдат до производи што не ги исполнуваат стандардите – особено детски играчки и мали електронски уреди кои може да бидат опасни.

Според Комисијата, Temu има слаба внатрешна проценка на ризик, бидејќи се потпира на општи индустриски податоци наместо да анализира конкретни закани поврзани со сопствената платформа. Ако овие прелиминарни наоди се потврдат, „Тему“ ќе се смета за прекршител на Законот за дигитални услуги – клучниот пакет правила на ЕУ за онлајн платформи.

Таквата одлука, покрај паричната казна, може да вклучува и задолжителни мерки кои „Тему“ ќе мора да ги преземе за да ги реши проблемите.

Од Temu велат дека во целост ќе соработуваат со Комисијата, и дека ќе одговорат на официјалните наоди во наредните недели, но не прецизираа точен рок.

Наодите за небезбедни производи се само еден дел од пошироката истрага против Temu. Платформата е исто така под сомнение дека ги прекршува правилата на ЕУ во однос на користење дизајн што поттикнува зависност од купување, нетранспарентни системи за препорака на производи, како и ограничување на пристапот до податоци за независни истражувачи.