Француските власти започнаа кривична истрага против социјалната мрежа X (порано Twitter), која ја презеде милијардерот Илон Маск.

Истрагата се однесува на сомневања за манипулација со алгоритми и нелегално собирање кориснички податоци. Канцеларијата на парискиот обвинител потврди дека случајот е отворен на 9 јули и дека е препратен до специјализираната единица за сајбер криминал на Националната жандармерија.

Според француските медиуми, компанијата е обвинета за „манипулирање со систем за автоматска обработка на податоци“ со цел алгоритмот да фаворизира одредена политичка содржина. Покрај тоа, се истражува и „организирано, нелегално собирање кориснички податоци“, што дополнително ги зголемува сомневањата за потенцијално странско влијание врз јавното мислење.

Подносителите на жалби, вклучувајќи и некои членови на францускиот парламент, тврдат дека алгоритмот на мрежата X „турка“ објави со екстремистичка содржина, особено оние насочени кон малцинствата и политичките противници.

Обвинителите побараа пристап до алгоритмот за препораки, како и податоци во реално време за објавите, но X одби да соработува, тврдејќи дека истрагата е политички мотивирана.

Во соопштението, X рече дека обвинувањата се „неосновани“ и претставуваат „обид за потиснување на слободата на изразување“. Компанијата, исто така, рече дека властите ѝ се заканиле со мерки што вообичаено се користат во случаи на организиран криминал, вклучително и прислушување на вработените.

Случајот доаѓа во време кога Европската Унија го зголемува притисокот врз големите технолошки платформи преку таканаречениот Закон за дигитални услуги (DSA), а Франција е меѓу првите земји што се обидуваат да спроведат конкретни законски контроли врз алгоритмите.

Маск сè уште официјално не коментирал за истрагата, но компанијата вели дека ќе „го брани правото на транспарентна и децентрализирана комуникација“.

Фото: принтскрин