Акционерите на компанијата Meta поднесоа тужба против извршниот директор на компанијата, тврдејќи злоупотреба на кориснички податоци.
Извршниот директор на Meta, Марк Цукерберг, ќе се појави како клучен сведок на судењето оваа недела по обвинувањата на акционерите дека неговата платформа Facebook овозможила масовно собирање податоци од корисниците со години без нивна согласност.
Во тужбата се тврди дека Цукерберг и други поранешни и сегашни директори на Meta, вклучувајќи ги Шерил Сандберг, Марк Андресен, Питер Тил и Рид Хејстингс, го прекршиле договорот од 2012 година со Федералната трговска комисија на САД (FTC) за заштита на приватноста на корисниците, објави „Ројтерс“.
Случајот датира од 2018 година, кога се дозна дека „Кембриџ Аналитика“, сега веќе непостоечка фирма за политички консалтинг, пристапила до податоците на милиони корисници на Facebook без нивно знаење или согласност.
Акционерите бараат обвинетите да ѝ надоместат на Meta повеќе од 8 милијарди долари што компанијата ги плати откако избувна скандалот со „Кембриџ Аналитика“, вклучувајќи рекордна казна од 5 милијарди долари од Федералната трговска комисија.
Цукерберг и другите обвинети ги отфрлија обвиненијата како „екстремни“ во претходните поднесоци, а компанијата Meta, која не е официјален обвинет во случајот, одби да коментира.
Според Џејсон Кинт од здружението Digital kontent nekst, осумдневното судење конечно би можело да открие што знаеле раководителите на Meta и кога биле во врска со пристапот до личните податоци на повеќе од три милијарди корисници.
„Прашањето е дали можеме да му веруваме на Марк Цукерберг“, рече Кинт.