Луѓето сакаат да видат човечки квалитети кај своите миленици, а вештачката интелигенција ќе им помогне да се поврзат со животните.
Првиот научен центар во светот посветен на проучување на свеста кај животните, вклучувајќи ги и оние што се еволутивно многу оддалечени од луѓето, како што се инсектите, ракообразните животни и сипите, ќе почне со работа во Лондонската школа за економија и политички науки (LSE) на 30 септември.
Центарот за свест за животни „Џереми Колер“, вреден четири милиони фунти, ги обединува меѓународните експерти од различни области, вклучувајќи невронаука, филозофија, ветеринарна медицина, право, еволутивна биологија, компаративна психологија, компјутерски науки, економија и вештачка интелигенција, објави британскиот „Гардијан“.
Еден од најзначајните проекти ќе се фокусира на истражување како вештачката интелигенција (AI) може да им помогне на луѓето да „разговараат“ со своите миленици, како и на потенцијалните опасности доколку технологијата се злоупотреби.
Луѓето сакаат да видат човечки квалитети кај своите миленици, а со развојот на вештачката интелигенција, можностите за комуникација значително ќе се прошират, изјави професорот Џонатан Берч, директор на центарот.
Сепак, тој предупредува дека AI честопати генерира одговори кои повеќе им годат на корисниците отколку што се реални, што може да има штетни последици за благосостојбата на животните.
Итно ни се потребни етички рамки за одговорно користење на AI кога станува збор за животни. Во моментов, не постои форма на регулатива во оваа област, нагласи Берч.
Друго клучно прашање за центарот ќе биде автоматизацијата во земјоделството.
Дигитализацијата и автоматизацијата на фармите напредуваат со брзо темпо, речиси без јавна дебата. Ова покренува бројни етички прашања, како на пример дали е правилно да се отстрани човечката грижа од односите со животните на фармите, објаснува Берч.
Центарот, како што додава британскиот весник, ќе соработува со невладини организации за да развие препораки и истражувања, како и меѓународно признати упатства.
Професорот Џеф Себо од Универзитетот во Њујорк нагласува дека прашањата за свеста на животните, влијанието на вештачката интелигенција врз нив и односот на општеството кон животните се меѓу најважните, сложени и запоставени предизвици на современиот свет.
Луѓето ја делат планетата со милиони други видови и трилиони индивидуални животни. Влијанието што го имаме врз нив е огромно, без разлика дали го сакаме тоа или не, рече Себо.
Професорката Кристин Ендрус, членка на управниот одбор на центарот, верува дека проучувањето на свеста кај животните може да придонесе за разбирање на човечката свест и да помогне во медицински ситуации како што се мозочните удари.
Не знаеме што ги прави луѓето свесни, или како свеста се вклучува и исклучува. Но, знаеме дека одговорите лежат во проучувањето на поедноставните организми, рече таа.
Основачот на центарот, Џереми Колер, рече дека неговата цел е да ги промени ставовите на луѓето додавајќи дека човекот ќе може да ги согледа пропустите во начинот на кој се однесуваме кон животните само кога подобро ќе разбереме како животните се чувствуваат и комуницираат.
Исто како што Каменот од Розета помогна во дешифрирањето на хиероглифите, верувам дека вештачката интелигенција може да помогне во дешифрирањето на начинот на кој животните доживуваат интеракции со луѓето, заклучи Колер.