Apple поднесе жалба против одлуката на Европската комисија со која компанијата од Купертино беше казнета за кршење на пазарните правила.

Американската технолошка компанија Apple поднесе жалба против априлската казна од 500 милиони евра од страна на Европската комисија, нарекувајќи ја „невидена“ и „нелегална“ примена на правилата од новиот Закон за европски дигитални пазари (DMA).

Компанијата од Купертино тврди дека ѝ се наметнуваат деловни услови што им штетат и на програмерите и на крајните корисници, објави „Блумберг“.

„Веруваме дека одлуката на Комисијата и невидената казна одат многу подалеку од она што го бара законот. Нашата жалба ќе покаже дека Европската Унија се обидува да диктира како да ја водиме нашата продавница и да наметнува деловни услови што ги збунуваат програмерите и им штетат на корисниците“, се вели во соопштението на Apple.

Европската комисија ја казни Apple во април за тоа што не им дозволи на програмерите слободно да ги насочуваат корисниците кон надворешни опции за плаќање за дигитални стоки, надвор од официјалната продавница за апликации на Apple.

Спорот, исто така, се фокусира на толкувањето на правилата за практиката на програмерите да ги насочуваат корисниците кон алтернативни места за извршување трансакции. Apple тврди дека Комисијата нелегално го проширила значењето на терминот, со што го поткопала нејзиниот бизнис модел.

Порано оваа година, суд во Соединетите Држави им наложи на Apple да им дозволи на програмерите слободно да ги насочуваат корисниците кон надворешни страници за плаќање, што би можело да ја чини компанијата од Купертино милијарди долари приходи годишно.