Стриминг услугата Deezer откри загрижувачки тренд – дури 18% од песните што се прикачуваат дневно на нивната платформа се целосно генерирани со вештачка интелигенција.
Оваа бројка претставува значителен скок во споредба со крајот на 2024 година, кога процентот беше околу 10%, или 10.000 песни дневно. Повеќе од 20.000 песни генерирани од вештачка интелигенција сега се прикачуваат дневно, што дополнително го комплицира веќе тешкото прашање за правата и заработката на уметниците во дигиталната ера.
За борба против „поплавата од вештачка интелигенција“, Deezer разви сопствена алатка за откривање на вештачки создадена музика, која беше лансирана во јануари 2025 година.
Целта на оваа алатка не е да се избрише содржината од вештачка интелигенција, туку да се филтрираат таквите песни од алгоритамски препораки до корисниците. Со други зборови, Deezer се обидува да го заштити корисничкото искуство и да им го олесни пронаоѓањето на музика од човечки автори за оние кои сакаат.
„Не гледаме знаци на забавување кога станува збор за растот на содржината со вештачка интелигенција на платформи како нашата. Генеративната вештачка интелигенција може да има позитивно влијание, но потребно е да се користи одговорно за да се заштитат правата и приходите на креаторите“, рече Орелиен Еро, директор за иновации во Deezer, објави Bug.
Целата индустрија се соочува со растечки број тужби против алатки за вештачка интелигенција како Suno и Udio, кои се цел на големите музички издавачки куќи. Компании како „Universal Music Group“, „Warner Music“ и „Sony Music“ тврдат дека нивните инструменти биле обучени на музиката на уметници како Тејлор Свифт, Кендрик Ламар и Ед Ширан без дозвола и без надомест.
Според CISAC, глобална организација за заштита на авторските права, вештачката интелигенција би можела да „канибализира“ до 24% од приходите на креаторите на музика до 2028 година, што би значело загуба од околу 22 милијарди евра за авторите и изведувачите во период од пет години.
Поврзани артикли