Samsung објави дека официјалното претставување на новата серија на телефони Galaxy A ќе се одржи денеска.

Иако компанијата не потврди кои телефони ќе бидат претставени, неофицијалните информации говорат дека тоа би можело да бидат моделите Galaxy A56, A36, и A26, пишува GSM Arena. Сепак, официјалниот тизер покажува само два уреди, па не е исклучено некој од моделите да пристигне подоцна.

Според гласините, сите три модели би требало да имаат екран од 6,7 инчи со резолуција од 1080х2340 пиксели. А56 и А36 би можеле да имаат и читач за отпечатоци вграден во екранот, додека А26 би можел да има скенер на страничното копче за вклучување.

Што се однесува до процесорот, се вели дека A56 ќе користи Exynos 1580, A36 Snapdragon 6 Gen 3, а A26 Exynos 1380. A56 се очекува да има и 8 GB RAM, додека A36 и A26 би можеле да доаѓаат во варијанти со 6 GB RAM или 8 GB.

Сите модели наводно ќе имаат главна камера од 50 MP со оптичка стабилизација на сликата (OIS). А56 може дополнително да има 12MP ултра широка камера, додека A36 и A26 би имале ултраширока камера од 8MP.

Се споменува и макро камера – 5 MP во A56 и A36, и 2 MP во A26. За селфи, A56 и A36 би можеле да имаат предна камера од 12 MP, додека A26 може да добие 13 MP.

Се шпекулира дека сите модели ќе доаѓаат со Android 15 и One UI 7. Доколку оваа информација е точна, новите модели на Galaxy A би можеле да го привлечат вниманието и на корисниците на поскапи уреди како што е Galaxy S24.

Неофицијалните информации сугерираат дека Galaxy A56 и A36 ќе бидат достапни на глобално ниво, додека A26 може да биде ограничен на одредени региони. Се очекува и достапност во Европа, имајќи предвид дека претходните модели на Galaxy A беа широко достапни.