Лорен Санчез, 55-годишната свршеница на основачот на Амазон, Џеф Безос, наскоро ќе го оствари својот сон за патување во вселената. Познато е дека Санчез е обучена да лета со хеликоптери, но овој пат ќе се најде во улога на патничка во специјално летало.

Лорен ќе предводи целосно женски екипаж во мисијата за Blue Origin, која беше основана во 2000 година од Безос како американска компанија за вселенска технологија со седиште во Вашингтон. Лансирањето е планирано за пролет оваа година, а ќе и се придружат жени од различни области.

Меѓу патниците ќе бидат познатата ТВ водителка Гејл Кинг, популарната пејачка Кети Пери, воздушната инженерка Ајша Боу, активистката за граѓански права Аманда Нгујен и филмската продуцентка Керијан Флин.

„Таа е почестена да води тим истражувачи во мисија која ќе ја преиспита перспективата на Земјата, ќе ги поттикне да ги споделат сопствените приказни и ќе создаде трајно влијание што ќе ги инспирира генерациите што доаѓаат“, се вели во соопштението на Blue Origin.

Лорен објави и на Инстаграм. „Да ми кажеше некој дека еден ден ќе можам да одам во вселената, дефинитивно ќе се насмеев. Не ми се верува дека тоа се случува“, рекла таа. „Мислев дека сонот да станам пилот е голема работа. Ова е уште поголемо“, додаде таа, меѓу другото.