Руската сатирична веб-страница Панорама објави дека кинеската вештачка интелигенција DeepSeek е „заснована на советски код“. Проблемот е што државните медиуми ова го пренесоа како вистинска информација.

Веб-страница која објавува пародии и лажни вести објави измислено „интервју“ со основачот на DeepSeek, Лианг Венфенг, во кое тој наводно „ги пофалил советските програмери“.

Лажното интервју тврдеше дека кодот користен за вештачката интелигенција DeepSeek е создаден во 1985 година од тим предводен од Виктор Глушков, кој (навистина) се смета за креатор на првиот советски компјутер.

Поради компјутерските мрежи и програми што ги создал Глушков, некои тврдат дека неговите проекти имале некои контури на она што денес го нарекуваме вештачка интелигенција, пренесува „Киев пост“.

Оваа лажна приказна заврши на „Русија 1“, национален телевизиски канал, како да е вистинска информација.

За ова се огласи и комунистичкиот генерал Генадиј Зјуганов. „Не само што СССР беше најобразованата и најнапредната земја. Таа, исто така, придонесе за цивилизацијата научно и технолошки“, напиша Зјуганов на Телеграм, но подоцна ја отстрани објавата кога беше откриено дека приказната е лажна.

На оваа измислица очигледно му беше дадена веродостојност поради намерите на руските власти да соработуваат со Кина во развојот на модели со вештачка интелигенција во рамките на „стратешкото партнерство без ограничувања“.

Претходно оваа недела, висок функционер во руската Сбербанк (меѓу лидерите во AI во Русија) изјави за Ројтерс дека компанијата има намера да соработува со кинески истражувачи на заеднички проекти за вештачка интелигенција.

Овие проекти ќе се користат и за воени цели, а Сбербанк го објави својот модел со вештачка интелигенција GigaChat уште во 2023 година за да ја покаже сериозноста на своите намери.

„Сбербанк има многу научници. Преку нив планираме да спроведеме заедничко истражување со Кина“, рече Александар Ведјакин, прв заменик-шеф на Сбербанк.