Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша спогодба со која бара „Мета платформи“, матичната компанија на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“, да му плати речиси 25 милиони долари (24,1 милиони евра) за да се реши тужбата што Трамп ја поднесе против социјалната мрежа во 2021 година, рекоа извори запознаени со ова прашање, пренесува „Си-би-ес њуз“.

Тужбата произлезе од одлуката на „Мета“ да ги суспендира сметките на Трамп по нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година. „Фејсбук“ (сега „Мета“) првично привремено му ја суспендира сметката на Трамп, а потоа во јуни 2021 година објави дека ќе ја суспендира на најмалку две години со образложение дека неговите објави поттикнуваат насилство и претставуваат закана за јавната безбедност.

„Твитер“ (сега „Икс“, во сопственост на Илон Маск) го следеше истото тоа отстранувајќи го и профилот на Трамп поради истата причина.

Трамп потоа ги тужеше „Фејсбук“ и „Твитер“ тврдејќи дека тие го прекршиле правото на слобода на говор од првиот амандман преку незаконска, неуставна цензура. „Твитер“ го врати неговиот профил во 2022 година, а „Фејсбук“ го врати неговиот пристап во 2023 година.

Во тужбата поднесена во Јужниот окружен суд на Флорида, Трамп побара од судот да го укине членот 230 од Законот за пристојност на комуникациите, кој ги штити социјалните мрежи од правна одговорност за содржината објавена од корисниците. Тој исто така побара да му бидат вратени профилите на „Фејсбук“ и на „Твитер“, како и неговиот канал на „Јутјуб“.

Дополнително, тој побара од судот да им забрани на „Твитер“, „Фејсбук“ и на „Јутјуб“ да применуваат каква било форма на цензура, уредувачка контрола или претходно ограничување на објавите на претседателот.

Според „Волстрит џурнал“, 22 милиона долари од вкупната сума за порамнување ќе ѝ бидат донирани на претседателската библиотека на Трамп, а остатокот од парите ќе ги покрие правните трошоци и отштетите на другите тужители во случајот.

„Мета“ претходно донира 1 милион долари за инаугуративниот фонд на Трамп, а неговиот извршен директор Марк Цукерберг присуствуваше и на инаугурацијата на Трамп.