Албанија вчера најави едногодишна забрана за TikTok, популарната апликација за кратко видео, откако минатомесечното убиство на тинејџер предизвика загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз децата.

По состанокот со групите родители и наставниците од целата земја, премиерот Еди Рама најави дека забраната, дел од поширокиот план за побезбедни училишта, ќе стапи на сила на почетокот на следната година. „

Една година целосно ќе го затвориме за сите. Нема да има TikTok во Албанија“, рече тој.

TikTok допрва треба да ја коментира оваа одлука. Неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Белгија, го ограничија користењето на социјалните мрежи од страна на децата. Во една од најстрогите регулативи наменети за технолошките гиганти, Австралија во ноември воведе целосна забрана за социјалните медиуми за деца под 16 години.

Рама ги обвини социјалните медиуми, особено TikTok, за поттикнување насилство меѓу младите луѓе во и надвор од училиштето. Одлуката на неговата влада доаѓа откако 14-годишен ученик беше избоден до смрт од соученик во ноември. Локалните медиуми објавија дека инцидентот уследил по расправија меѓу две момчиња на социјалните мрежи.

На TikTok се појавија и видеа од малолетници кои го поддржуваат убиството. „Денешниот проблем не се нашите деца, денешниот проблем сме ние, денешниот проблем е нашето општество, денешниот проблем е TikTok и сите други што ги земаат нашите деца како заложници“, заклучи Рама.