Во новиот извештај се споменува дека Apple подготвува нов паметен производ, кој ќе ги поддржува функциите на Apple Intelligence.
Apple планира да претстави нов оперативен систем, наречен homeOS, кој треба да пристигне со паметните дисплеи на компанијата.
Според аналитичарот Марк Гурман, првиот од овие паметни дисплеи би требало да се појави во 2025 година.
Извештаите за уред сличен на HomePod со екран се појавуваат повеќе од една година. Гурман летово сугерираше дека Apple подготвува десктоп паметен дисплеј со роботска рака што може да го навалува и ротира екранот за подобро гледање.
Во најновиот извештај, Гурман вели дека се подготвуваат две верзии: поевтин дисплеј кој ќе нуди основни функции како FaceTime и паметни контроли, а има и понапредна роботска варијанта која ќе чини над 1.000 долари.
Поевтина верзија би можеле да видиме веќе следната година, по што се очекува понапреден паметен дисплеј.
Гурман вели дека Apple Intelligence ќе биде клучен дел од искуството за двата уреди, додека homeOS ќе се базира на tvOS, оперативниот систем Apple TV.