Иако претставувањето на iPhone 16 е пред самиот агол, сепак се зборува за iPhone 17 кој се очекува да излезе дури следната година.

Во изминатите неколку дена се шпекулира дека сите модели на iPhone 17 ќе пристигнат со 12 GB RAM, што ќе биде значајна надградба во однос на сè уште ненајавениот iPhone 16, кој ќе има 8 GB.

Но, долгогодишниот аналитичар на Apple, Мингчи Куо со своите извори дополнително ја потврди таа информација и сега тврди дека само iPhone 17 Pro Max ќе доаѓа во конфигурација со 12 GB RAM. Од друга страна, iPhone 17, iPhone 17 Pro и iPhone 17 Slim ќе имаат 8 GB.

Доколку навистина се оствари, се предвидува дека главната продажна предност на моделот iPhone 17 Pro Max ќе бидат подобрените способности за вештачка интелигенција, кои другите модели нема да ги имаат поради недостаток на RAM меморија. „Pro Max“ ќе добие и надграден систем за ладење, што значи дека ќе може поудобно да се справи со потешките задачи.

Куо, исто така, истакнува дека моделите Pro Max во моментов сочинуваат речиси 40 проценти од целата продажба на iPhone, што значи дека Apple сè уште сака да ги задржи најдобрите спецификации за тој модел.