Астрономите за прв пат снимија далечна ѕвезда со толку детали што движењето на гасот може да се види на нејзината површина. Во текот на јули и август 2023 година, користејќи го телескопот Atacama Large Millimeter/submillimeter Array (ALMA), тие ја следеа ѕвездата Р Дорадус и забележаа огромни, врели меурчиња од гас на неа кои се 75 пати поголеми од Сонцето.

На површината на блескавата ѕвезда се појавија меурчиња, а потоа потонаа во нејзината внатрешност побрзо отколку што очекуваа научниците.

„Ова е прв пат да ја снимиме турбулентната површина на далечна ѕвезда на овој начин. Не очекувавме податоците да бидат со толку висок квалитет и да ги видиме деталите за конвекцијата на површината на ѕвездата“, рече астрономот Воутер Влемингс од Универзитетот за технологија Чалмерс во Шведска.

Р Дорадус е црвена џиновска ѕвезда, со дијаметар 350 пати поголем од Сонцето. Во објавената серија слики, можете да видите колку е голема во споредба со Сонцето и орбитата на Земјата. Оддалечена е околу 180 светлосни години од нас. Иако е огромна ѕвезда, има маса слична на Сонцето; што значи дека кога нашето Сонце ќе стане црвен џин, за околу пет милијарди години, ќе личи на Р Дорадус.

Истражувањето под наслов One month convection timescale on the surface of a giant evolved star беше објавено во списанието Nature.