Доналд Трамп повторно е активен на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).

Поранешниот американски претседател, кандидатот на републиканците на претстојните избори во САД во ноември, Доналд Трамп повторно твитна на платформата Х (поранешен Твитер), што е негов втор твит по долго отсуство од таа мрежа.

„Дали ви е подобро сега отколку кога бев претседател? Нашата економија е уништена. Нашите граници се избришани. Ние сме нација во опаѓање. Да го направиме американскиот сон повторно достапен. Да ја направиме Америка повторно безбедна. Да ја направиме Америка повторно голема“, напиша Трамп.

Во јануари 2021 година, по немирите на Капитол Хил во Вашингтон, Твитер профилот на Трамп беше блокиран.
Компанијата тогаш објави дека сметката на Трамп е трајно суспендирана поради заканата од дополнително насилство и во согласност со одлуките на другите платформи како Фејсбук.

Набргу откако Илон Маск го презеде Твитер кон крајот на 2022 година, сметката на Трамп беше реактивирана, но оттогаш Трамп почна да ја користи својата платформа Truth Social. Тој има направено само една објава од реактивирањето на неговиот профил до 12 август.

Неговиот прв твит беше клип од кампањата.