Најголемиот американски сервис за продажба на билети за разни настани, Ticketmaster, пред нешто повеќе од еден месец беше жртва на хакерски напад.
Во тоа време им беа украдени многу податоци – на пример приватните податоци на повеќе од 560 милиони корисници, кои купувале билети преку Ticketmaster и Live Nation во изминатите години.
Хакерите од групата ShinyHunters потоа ги понудија податоците на продажба, барајќи 500.000 долари еднократно за нив на црниот пазар.
Очигледно продажбата не им одела најдобро, па сега посегнале по нов метод – уцена.
Имено, неодамна на интернет објавија повеќе од 166.000 шифри за симнување бесплатни билети за најбараната турнеја во светот во моментов, Ерас турнејата, односно концерти на Тејлор Свифт за кои речиси е невозможно да се набави билет.
Тие потоа го предупредија Ticketmaster дека ќе продолжат да ги објавуваат податоците доколку не им биде исплатен откуп од два милиони долари.
Компанијата не се согласи на уцени, но најави дека шифрите за преземање билети на нивната платформа постојано се менуваат, што би значело дека таквото „протекување“ на податоци не може да им наштети.
Сепак, подоцна ShinyHunters повторно ги објави украдените податоци, шифри за околу 39.000 билети за концерти кои се движат од RHCP до Брус Спрингстин.
Сега хакерите тврдат дека шифрите на тие тикети не се менуваат, па кој ги користи со инструкциите што ги објавија и хакерите, има бесплатен билет.
Во меѓувреме, Ticketmaster потврди дека, меѓу многуте кориснички податоци, биле украдени и податоци за кредитни картички, па затоа ги известиле своите клиенти да бидат внимателни.