Компанијата „Тесла“ повлекува повеќе од два милиона возила за да го поправи неисправниот систем за предупредување на возачите кога го користат режимот за автоматска контрола на возилото (автопилот).
Оваа информација денеска ја објави американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата, која додаде дека „Тесла“ ќе го ажурира софтверот за да го реши овој проблем, пренесува АП.
По двегодишна истрага, американскиот регулатор откри дека системот на „Тесла“, кој ги предупредува возачите да внимаваат кога го користат режимот за автоматска контрола на возилото, е несоодветен и може да се злоупотреби.
Повлекувањето ги опфаќа речиси сите возила што „Тесла“ ги продаде во САД по активирањето на функцијата автопилот на крајот на 2015 година и се однесува на сите модели на овој производител, пренесува „Танјуг“.
Со години поборниците за безбедност во сообраќајот бараат построго регулирање на системот за следење на возачите во автомобилите, кој главно проверува дали рацете на возачот се на воланот.
Возилото во режим на автоматски пилот може автоматски да управува, да забрзува и да сопира во својата лента, но системот е дизајниран да му помага на возачот и не може самостојно да управува со возилото.
Независните тестови открија дека системот за надзор е лесен за измама.
Возачите на „Тесла“ во режим на автопилот се фатени како возат пијани или седат на задното седиште.