Четириесет земји, предводени од САД, планираат да потпишат ветување дека никогаш нема да плаќаат откуп на сајбер-криминалците и дека ќе работат на елиминирање на механизмите за финансирање на хакери, изјави висок претставник на Белата куќа.
Меѓународната иницијатива против откупнина доаѓа во време кога бројот на такви напади се зголемува ширум светот.
Соединетите Американски Држави се најтешко погодени, со 46 отсто од таквите напади, изјави за новинарите на виртуелен брифинг Ен Нојбергер, заменик советник за национална безбедност на САД задолжена за нови технологии.
Сè додека парите течат кон криминалците со откупни софтвери, тоа е проблем кој ќе продолжи да расте, додаде Нојбергер.
Во ransomware нападите, хакерите ги шифрираат системите на организацијата и бараат откуп во замена за нивно отклучување. Тие често крадат чувствителни информации и ги користат за да изнудат жртви и се закануваат дека ќе ги објават на интернет доколку не се исплатат.
Новата иницијатива има за цел да го поткопа криминалното финансирање преку подобро споделување информации за сметките за откуп, и ќе создаде две платформи за споделување информации, едната од Литванија, а другата заеднички од Израел и Обединетите Арапски Емирати.
Земјите партнери ќе споделуваат „црна листа“ преку американското Министерство за финансии, која ќе вклучува информации за дигитални паричници што се користат за да се сокријат изнудените износи, рече Нојбергер. Таа додаде дека вештачката интелигенција ќе се користи за анализа на блокчејнот, со цел да се идентификуваат нелегалните средства.