Мајкрософт официјализираше договор со кој се обврзува за овозможување на франшизата Call of Duty на платформите на Нинтендо за 10 години.
Минатата година Мајкрософт објави дека се обврзува да го направи Call of Duty (CoD) достапен на платформата Нинтендо во период од 10 години, доколку биде одобрено купувањето на Activision Blizzard од компанијата.
Сега, Бред Смит, претседателот на компанијата, посочи дека е потпишан обврзувачки 10-годишен договор и ќе овозможи да се донесе франшизата Call of Duty до играчите на Nintendo во исто време кога CoD е достапен и за Xbox.
Мајкрософт претходно посочи дека понудил сличен договор на Sony за PlayStation и се обврзува да ја понуди играта на платформата Stеam во исто време со Xbox (под претпоставка дека купувањето на Activision Blizzard е одобрено).
Сите овие договори и активности на Microsoft се дел од напорите на компанијата да ги убеди регулаторните тела да го одобрат купувањето на Activision Blizzard од Microsoft за 68,7 милијарди долари.
Горенаведениот договор моментално е во некој вид неизвесност, бидејќи комисијата на FTC од САД го блокираше преземањето, додека Велика Британија може да бара од Activision да се отстранат делови од својот бизнис за да се заврши купувањето.
Дополнително, Европската унија, наводно, ќе и се придружи на Британија во изјавата дека предложената аквизиција може да ја намали пазарната конкуренција. Мајкрософт деновиве ќе се сретне со регулаторите на ЕУ за да ја брани својата позиција.
Поврзани артикли