Минатиот месец во Холандија се одржа самит на кој се разговараше за употребата на вештачката интелигенција во војската и на бојното поле.
Chatbot ChatGPT ни го покажа потенцијалот на вештачката интелигенција и бидејќи можеме да очекуваме многу технолошки компании дополнително да ги зголемат своите инвестиции во вештачката интелигенција, јасно е дека ќе се зголемат можностите за алатки базирани на вештачка интелигенција.
Многумина се плашат од ова затоа што веруваат дека таквата ситуација би можела да се одрази на пазарот на трудот, бидејќи ако вештачката интелигенција извршува многу работни места на луѓе, може да следат масовни отпуштања.
Но, се чини дека ни тоа не е најлошото, бидејќи можеме само да се запрашаме што би можело да се случи доколку развојот на вештачката интелигенција е насочен кон – воени цели. Бројни научници веќе предупредија на опасноста од т.н роботи убијци, односно роботи со вештачка интелигенција кои би можеле самостојно да донесуваат одлуки за цели на напад, што значи дека би можеле да се свртат против цивили или своја војска.
Нема сомнение дека големите светски војски веќе размислуваат за начините на кои можат да ја искористат вештачката интелигенција за да добијат стратешка предност на бојното поле, а во Хаг се одржа самит, на кој учествуваа претставници на голем број земји и разговараа токму за таа тема – воената употреба на вештачката интелигенција. На самитот учествуваа педесетина земји, а треба да се нагласи дека Русија не беше поканета, иако Путин и војната што Русите ја започнаа во Украина беа една од главните теми на разговор.
Како што им објасни на новинарите холандскиот вицепремиер Вопке Хекстра пред почетокот на самитот, со овој самит сакаат да го направат првиот чекор кон одговорно користење на вештачката интелигенција во војската: „Ние сме во непозната област, за која немаме правила, рамки или договори, но тоа ќе ни треба порано отколку подоцна“.
Иако некои се радуваат на потпишување на некакви меѓународни договори за оружјето со вештачка интелигенција и за она што би можело да биде дозволено и забрането, доколку тоа се случи, сигурно нема да биде толку брзо. Имено, како што објаснуваат за Ројтерс, големите државни и воени сили не покажале интерес да го ограничат развојот на вештачката интелигенција за воени цели, поради стравот дека нивните конкуренти би можеле да добијат значителна предност и да ја искористат во потенцијални идни конфликти.