Европската вселенска агенција (ESA) ќе користи роботска рака во мисијата за испраќање примероци од почвата од Марс на Земјата, објави организацијата.
„Тоа е роботска рака долга 2,5 метри која ќе ги подигне цевките полни со скапоцена почва од Марс од тлото и ќе ги пренесе во ракета за историска меѓупланетарна испорака“, се вели во соопштението за медиумите.
Роботот наречен Sample Transfer Arm или STA, всушност е автономен и многу сигурен, што го прави идеален за својата единствена мисија.
„Роботот може да изведе низа движења со седум степени на слобода и со помош на две камери и низа сензори. Има држач сличен на рака, кој може да ги фаќа и ракува „цевките“ за примероци под различни агли“, според ESA.
Роботската рака сè уште не е на Марс, но ЕСА вели дека наскоро ќе „слета“ на Црвената планета за да земе примероци од земјата што роверот на НАСА Perseverance моментално ги собира.
„Раката има способност да „гледа, чувствува и да донесува автономни одлуки“, како и да ги отстрани цевките од роверот, да ги подигне од земјата и да ги стави во контејнер, а потоа да го затвори капакот пред полетувањето од Марс“, се додава во соопштението.
Роверот Mars Perseverance ја прослави својата прва годишнина на Црвената планета минатиот февруари по лансирањето на 18 февруари 2021 година. Вреден е 2,7 милијарди долари.
Ова беше највозбудливиот момент за американската вселенска агенција НАСА и многу важен чекор во истражувањето на Марс со цел да се одговори на прашањето дали некогаш постоел живот на оваа планета.
Дел од мисијата за испраќање примероци на Земјата ќе биде и Earth Return Orbiter (ERO), кој ќе се сретне со нов робот и ќе извади контејнери со примероци од почвата на Марс. Потоа следи патување кон Земјата. Заедничката цел на ЕСА и НАСА е примероците да стигнат до Земјата до 2033 година.
Агенциите се надеваат дека ќе најдат фосилизирани организми во примероците, но веројатноста тие да содржат живи организми е многу мала.
Исто така, се поставува прашањето дали е безбедно да се доставуваат такви организми на Земјата бидејќи го зголемува ризикот од потенцијална биоконтаминација, меѓутоа, агенциите претходно нагласија дека можноста за тоа е речиси нула.