WhatsApp постојано развива и тестира новитети во рамките на својата апликација, а новата опција ќе ги задоволи сите сопственици на уреди кои работат на Android.
Минатата година, Мета конечно овозможи пренос на историјата на разговори од WhatsApp помеѓу телефони од различни платформи, односно помеѓу телефони кои работат на Android и iPhone и обратно.
Тоа е само една од многуте иновации што WhatsApp постојано ги тестира и применува, а оваа комуникациска платформа моментално развива уште една опција која би требало да го олесни преносот на содржината и историјата на разговори помеѓу телефоните.
Според WABetaInfo, веројатно најсигурниот извор кога станува збор за вестите на WhatsApp, компанијата сега работи на тоа да го олесни преносот на историјата на разговори помеѓу паметните телефони со Android. Наместо да креирате резервна копија од историјата на разговори на Google Drive, скенирањето QR-код ќе биде доволно за да се префрлат разговорите на новиот Android.
Откако функцијата ќе стане достапна за сите, корисниците ќе можат да пристапат до неа под Поставки/Разговори и да ја изберат опцијата „Пренеси разговори на Android“.
За лесно да ги префрлите разговорите на друг уред со Android, секако, прво мора да ја инсталирате оваа апликација на телефонот и да скенирате посебен QR код и преносот ќе започне. Треба да се нагласи дека Мета се уште ја развива оваа опција и таа се уште не е достапна за корисниците, ниту се знае кога ќе стане достапна.
Друга работа за која корисниците треба да бидат свесни е дека, иако ќе биде можно да се префрлат содржини без Google Drive, дефинитивно се препорачува да се направи резервна копија од историјата на разговори на облакот на Google, така што, во случај на проблеми со апликацијата, имаат можност да пристапат до нивните податоци.
Друга опција на која работи WhatsApp, која исто така е во развој и сè уште не е достапна за луѓето кои ги тестираат претстојните верзии, е можноста да се задржат пораките што сами се бришат. Ако опцијата навистина стане достапна за корисниците, тогаш разговорите со пораки што исчезнуваат ќе може да се снимаат и складираат на мобилен уред.