Играта Gran Turismo пристигна во светот на игрите пред 25 години, а досега оваа франшиза е продадена во повеќе од 90 милиони примероци. По повод годишнината беше објавено видео кое ја буди носталгијата кај љубителите на оваа симулација.
Првата игра на Gran Turismo беше објавена на 23 декември 1997 година и почна да се продава во Јапонија, а на 16 ноември 2022 година беше надмината границата од 90 милиони копии. За да ја одбележи 25-годишнината од франшизата, студиото Polyphony Digital објави видео кое ја прикажува еволуцијата на играта низ годините. Креаторот на Gran Turismo, Казунори Јамаучи, исто така се огласи на блогот на PlayStation.
Кога пристигна во Sony, тој беше дел од клубот за филмска продукција, но компанијата го префрли во одделот задолжен за развој на првата конзола за PlayStation.
„Не се надевав на тоа место, но гледајќи наназад сега, може да се каже дека имав многу среќа“, напиша Јамаучи.
Токму тој во соработка со двајца колеги и тројца инженери го започна развојот на Gran Turismo, а денес Polyphony Digital вработува повеќе од 200 луѓе. Основачите на тимот се уште се вработени во компанијата.
Откако првиот Gran Turismo се појави на пазарот во Јапонија, остатокот од светот мораше да чека со месеци за шанса да ја проба играта. Продажбата во Европа започна на 8 мај 1998 година, а во Северна Америка на 12 мај 1998 година. Играта беше огромен хит и продадена во 10,85 милиони копии ширум светот.
Најновиот наслов во франшизата е Gran Turismo 7, кој пристигна на конзолите PlayStation 4 и 5 на 4 март 2022 година. Оттогаш, Polyphony Digital нуди месечни ажурирања кои вклучуваат нови автомобили, патеки, локации за фотографии и многу повеќе.
Со оглед на поврзаноста на Јамаучи со Gran Turismo, тој веројатно е возбуден за истоимениот филм кој моментално се работи. Тој е извршен продуцент на проектот, а снимањето започна во ноември. Премиерата во кината е закажана за 11 август 2023 година.
Филмот ја раскажува приказната за играчот на Gran Turismo, Jann Mardenborough, кој учествувал во натпреварот GT Academy и станал професионален возач на тркачки автомобили. Во филмот играат, меѓу другите, Дејвид Харбор и Орландо Блум, додека режисер е Нил Бломкамп.