Facebook во понеделникот ги контактира сите корисници чии лични податоци биле злоупотребени од компанијата „Кембриџ аналитика“. Од социјалната мрежа изјавија дека секој засегнат корисник ќе добие детална порака за тоа што му се случило.
Голем дел од погодените корисници, околу 70 милиони, се граѓани на Америка. Покрај нив, „Кембриџ аналитика“ дошла до податоците на повеќе од милион Британци, повеќе од милион Филипинци и повеќе од милион Индонезијци и околу 310.000 Австралијци.
Исто така, Facebook ги потсети сите корисници како можат најдобро да ги заштитат своите лични информации додека ја користат социјалната мрежа. Компанијата на врвот на „Њуз фид“ ќе покаже кои апликации ќе имаат пристап до нивните податоци и како овој пристап би можел да им биде ограничен.
Оваа одлука Facebook ја донесе по скандалот во кој „Кембриџ аналитика“ во соработка со Александар Коган и апликацијата „thisisyourdigitallife“ дошле до личните податоци на најмалку 87 милиони корисници на оваа социјална мрежа.
Стотици илјади корисници примиле пари за да го решат тестот, а Коган преку неа ги собрал податоците на сите што го решиле тестот. Facebook за собирањето на податоците дознал во 2015 година, но не ги известил корисниците.
Марк Закерберг, извршниот директор на Facebook, денес треба да сведочи пред американскиот Конгрес.