Десет дена по лансирањето на беспилотната вселенска мисија на НАСА Артемис I, вселенското летало Орион влезе во орбитата на Месечината.
Леталото ќе лета 64.000 километри над Месечината, објави американската вселенска агенција. Поради должината на орбитата, на капсулата ќе и треба една недела да патува на половина пат околу Месечината, по што повторно ќе ја напушти орбитата на Месечината и ќе почне да се враќа на Земјата, наведува НАСА.
Орион исто така треба да го собори рекордот за најдолго растојание од Земјата поминато со вселенско летало дизајнирано за лет на астронаути. Рекордот е поставен во 1970 година од Аполо 13.
Новата вселенска програма на НАСА, Артемис, конечно, по бројни одложувања, започна минатата недела со лансирањето на вселенското летало Орион. Целта на програмата е повторно слетување на американски астронаути на Месечината, за прв пат по речиси педесет години.
Мисијата Артемис I без екипаж ќе го однесе леталото Орион на 40.000 милји од Месечината за да ги покаже своите способности. По враќањето на Земјата, ќе следи Артемис II, првиот вселенски лет на Орион со екипаж. Слетувањето на Месечината ќе биде врв на мисиите Артемис. Првично планиран за 2024 година, овој исклучително важен настан треба да се случи најрано во 2025 година.
Мисијата ќе однесе четворица астронаути во орбитата на Месечината во вселенското летало Орион, каде двајца од нив, барем една жена, ќе се префрлат во вселенското летало SpaceX за последното приближување до Месечината. САД испратија 12 астронаути на Месечината помеѓу 1969 и 1972 година.