Постојаното одложување на почетокот на производството го направи ова возило нешто како мит меѓу љубителите на електрични возила.
Компанијата Тесла планира да започне со масовно производство на електричниот камион Cybertruck на крајот на 2023 година, дознава Ројтерс. Cybertruck првпат беше претставен во 2019 година, а производството првично беше планирано да започне кон крајот на 2021 година.
Постојано одложуваниот почеток на производство го направи ова возило нешто како мит меѓу љубителите на електричните возила, бидејќи многумина кренаа раце од тоа дека пикапот некогаш ќе види сериско производство, пишува RTS.
И покрај фактот дека цената на конечната верзија на возилото сè уште не е позната, ниту се познати неговите точни карактеристики, стотици илјади потенцијални купувачи веќе уплатиле за да го резервираат својот Cybertruck.
Пред три години, почетната цена требаше да биде под 40.000 долари, но Tesla оттогаш ги зголеми цените на сите свои модели. Точниот број на резервирани возила не е познат, но ако му се верува на извршниот директор Илон Маск, компанијата „примила повеќе нарачки за пикапот отколку што може да пополни во првите три години од производството“.
Во согласност со тоа тврдење е и фактот дека Тесла престана да прима нарачки надвор од САД во мај.
Пред еден месец, Tesla објави дека ја подготвува својата фабрика во Остин, Тексас, за почеток на нов модел. Маск на конференциска врска со финансиските аналитичари рече дека „раното производство“ на електричниот пикап е закажано за средината на 2023 година.