Во 2021 година, американската армија потпиша договор со Microsoft вреден 22 милијарди долари, кој се однесува на набавка на „паметни“ очила за војниците.
Една година по потпишувањето на договорот, програмата за паметни очила е во неволја поради доцнење и проблеми со изведбата бидејќи „паднаа“ на четири од шест тестови спроведени од американската војска.
Војската првично потпиша договор со Microsoft во вредност од 480 милиони долари во 2018 година за компанијата да развие прототип на напредни паметни очила наречени Integrated Visual Augmentation System или скратено IVAS.
Иако наочарите се слични по изглед со очилата HoloLens на Microsoft кои се комерцијално достапни на пазарот, војската бараше IVAS да биде уште понапреден. Поконкретно, желбата на војската е Microsoft да интегрира неколку технологии во една платформа за војниците да можат да ги користат за време на обука, вежбање и борба.
Очилата мораа да имаат ноќно гледање и термички сензори со висока резолуција за да ја зголемат свесноста за ситуацијата и целта на војниците, додека способностите за машинско учење во комбинација со AR технологијата треба да обезбедат средина за обука во реалниот свет. Според договорот, Microsoft треба да испорача 120.000 IVAS слушалки во период од 10 години, а вкупната цена на договорот е 22 милијарди долари.
Меѓутоа, во една неодамнешна оперативна демонстрација, уредот „не успеал“ во четири од шест настани за евалуација, според внатрешен извештај на американската војска, чии делови беа објавени од Business Insider. Еден од главните недостатоци на уредот беше осветленоста на неговиот екран, кој беше видлив од неколку стотини метри. Ова би можело да ги предупреди непријателите и да ја одреди локацијата на американските војници, ставајќи ги во смртна опасност.
Друг проблем е ограниченото видно поле и периферниот вид при носење на очилата IVAS, како и ограниченото движење на војниците поради големината и тежината на уредот.
Microsoft, наводно, очекувал негативен тест извештај поради проблеми со перформансите во услови на слаба осветленост. Очилата HoloLens допрва треба да забележат комерцијален успех, а компанијата остана без врвни таленти откако Facebook минатата година ги откри своите планови за развој на метаверс.
И покрај лошите првични резултати, американската војска сè уште планира да го купи IVAS, а воен портпарол дури изјави за Business Insider дека „тестот бил успешен“. Резултатите од тестот покажаа каде треба да се направат подобрувања, на кои Microsoft сега ќе се фокусира.
Армијата на САД е посветена да ги опреми своите војници со најсовремена и најсигурна опрема. Microsoft планира да започне со испорака на околу 5.000 примероци од слушалките IVAS на американската војска.