Во паркот Долина на диносаурусите во американската држава Тексас, реката пресушила поради екстремни суши, па се пронајдени траги од диносауруси кои се проценува дека се стари околу 113 милиони години, објави управата на паркот, пренесува NBC.
„Повеќето од трагите кои неодамна беа откриени во различни делови на реката во паркот припаѓаат на акрокантосаурус. Тоа е диносаурус кој бил висок околу четири и пол метри и тежел близу седум тони како возрасен“, изјавила за NBC, портпаролката на паркот Стефани Салинас Гарсија.
Таа додаде дека во паркот во Глен Роуз, Тексас, пронашле и траги од Сауросејдон, кој би бил висок околу 18 метри и тежок околу 44 тони.
Поради екстремните суши, водостојот на голем број реки во паркот е во нагло опаѓање. Повеќе од 60 отсто од територијата на Тексас беше погодена од најинтензивната суша и топлотни бранови минатата недела.
Под нормални временски услови, трагите од диносаурусите во коритото на реката би биле под вода и покриени со талог.
„Секогаш е возбудливо да се најдат нови траги од диносаурус во паркот!“, вели Гарсија.
Научниците велат дека трагите наскоро повторно ќе бидат покриени бидејќи се предвидува дожд.
„Иако овие траги ќе бидат видливи само за кратко време, ние сме многу возбудени. Паркот Долината на диносаурусите ќе продолжи да ги штити овие 113 милиони години стари траги не само за денешните, туку и за идните генерации“, рече Гарсија.