„Твитер ги измами американските федерални регулатори за неговиот анти-хакерски и анти-спам систем“, рече дојавувачот, Питер Затко, поранешен шеф на безбедноста на социјалната мрежа.
Затко, познат и како хакер со прекар „Маџ“ (Mudge), во обвинението на 84 страници наведе дека Твитер лажно тврдел дека има солиден безбедносен план, според документите објавени од конгресните иследници, пренесува Ројтерс.
Според Затко, Twitter имал приоритет на растот на корисниците пред намалувањето на спамот, при што директорите се квалификуваат за индивидуални бонуси од дури 10 милиони долари за зголемување на дневните корисници и ништо конкретно за намалување на несакани пораки.
Твитер овие обвинувања ги нарече „лажна приказна“.
Овој социјален медиум води судска битка против Илон Маск, откако најбогатиот човек на светот и шеф на „Тесла“ се обиде да се повлече од договорот за купување на Твитер за 44 милијарди долари. Маск изјави дека Твитер не дал точни податоци за бројот на ботови, односно лажни сметки на мрежата и спам.
Твитер и Маск поднесоа противтужби, при што директорите на социјалната мрежа побараа од судијата во Делавер да му нареди на Маск да го затвори договорот. Судењето е закажано за 17 октомври.
Затко поднесе обвиненија против Твитер минатиот месец до американската Комисија за хартии од вредност (SEC) и Министерството за правда, како и до Федералната трговска комисија (FTC). Неговата жалба беше испратена и до конгресните комисии.
„Ги разгледуваме овие тврдења што се објавени, а она што досега го видовме е лажна приказна исполнета со недоследности и неточности“, напиша извршниот директор на Твитер, Параг Агравал во порака до вработените.
Највисокиот републиканец во Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли, рече дека наводите на Затко покренале сериозна загриженост за националната безбедност и приватноста и дека треба да бидат истражени.
„Замислете технолошка платформа која собира огромни количини на кориснички податоци, комбинирајте ги со она што изгледа како неверојатно слаба безбедносна инфраструктура и додадете странски државни актери со агенда – имате рецепт за катастрофа“, рече тој.
Федералната трговска комисија одби да ги коментира наводите. Портпаролот на Комитетот за разузнавање на Сенатот изјави дека ја примиле жалбата и закажале состанок на кој ќе разговараат за наводите.
Вистинскиот регулаторен ризик на Твитер лежи во тоа дали документираните факти покажуваат дека „свесно или несовесно ги доведуваат во заблуда“ инвеститорите или регулаторите, рече Хауард Фишер, партнер во адвокатската фирма Mouzis&Singer и поранешен адвокат на SEC.
Поврзани артикли