Во традиционалниот избор за „Светски автомобил на годината“, чие финале се одржува во рамките на саемот на автомобили во Њујорк, титулата за 2018 година му припадна на SUV моделот Volvo XC60. Тоа е воедно и првиот Volvo во историјата кој станал светски автомобил на годината.
Volvo XC60 зад себе ги остави преостанатите двајца финалисти, Mazda CX-5 и Range Rover Velar, а ова е друга значајна титула за шведскиот произведувач за помалку од еден месец, откако кон почетокот на март Volvo XC40 беше прогласен за „Автомобил на годината во Европа“.
Volvo XC60 стана најдобар на светот преку гласовите на жирито составено од 82 меѓународни новинари за автомобили, а во поширокиот избор за признанието, „Светски автомобил на годината 2018“, се најдоа уште и Nissan Leaf, Alfa Romeo Giulia, Toyota Camry, Kia Stinger, BMW X3, Land Rover Discovery и Volkswagen T-Roc.
Инаку, за најдобар автомобил на светот во 2017 година исто така беше еден SUV, односно станува збор за Jaguar F-Pace.
Покрај главната награда, во Њујорк се доделени признанија за уште пет категории.
За најдобар луксузен автомобил на годината е избран Audi A8, додека титулата за најдобар спортски автомобил за 2018 година му припадна на BMW M5.
Во категоријата најдобар „урбан“ автомобил на светот за 2018 година триумфираше Volkswagen Polo.
За „најзелен“ автомобил на светот (возило со најдобри еколошки карактеристики), прогласен е електричниот Nissan Leaf, а најдобро дизајниран автомобил за 2018 година, според мислењето на жирито е Range Rover Velar.