Научници во Австралија открија останки од мумија во ковчег стар 2.500 години што претходно бил класифициран како празен. Саркофагот останал недопрен во универзитетскиот музеј во Сиднеј повеќе од 150 години.
Кога научниците го отвориле ковчегот лани, биле изненадени што внатре нашле остатоци од човечки скелет. Тие додаваат дека останките биле оштетени претходно, најверојатно од ограбувачи на гробници.
Археологот Џејми Фрејзер вели дека откритието што дури сега беше објавено за јавноста, било исклучителен момент.
Тоа што го видовме беше неверојатно зачудувачки – еден од оние моменти кога ти останува само да земеш длабоко воздух и да постоиш во моментот“, вели доктор Фрејзер од музејот Николсон при Универзитетот на Сиднеј.
„Никогаш не сум ископал египетска гробница, но ова беше најблиску до тоа.“
Напори за идентификување на мумијата
Саркофагот бил еден од четирите што основачот на музејот успеал да ги донесе од Египет во 1860 година. Во нотесите подоцна бил заведен како празен ковчег.
Доктор Фрејзер вели дека „неугледниот и необележан“ предмет не добил некое особено внимание додека египтолоите ги испитувале другите ковчези кои изгледале поимпресивни и имале целосни мумии внатре.
Експерти сега се обидуваат да ја идентификуваат мумијата што е „страшно растргната“ и била опљачкана од ограбувачи на гробници некогаш низ историјата. Во саркофагот се останати само 10% од коските.
Доктор Фрејзер вели дека хиероглифите на саркофагот датираат од 6000 година пред н.е. и покажуваат дека бил направен за жена која се викала Мер-Неит-ит-ес, која била или свештеничка или побожна жена.
Со помош на компјутерска томографија минатата недела беше утврдено дека во ковчегот има неколку коски, завои, фрагменти од смола, како и над 7.000 монистра од погребна наметка.
Поврзани артикли