Управниот одбор на Apple доби увид во раната верзија на целосно новиот уред, кој компанијата го развива веќе неколку години.
Додека во времето на Стив Џобс околу Apple имаше завет на молчење и информациите од компанијата за идните производи во јавноста цуреа „на лажичка“, денес ситуацијата е сосема поинаква. Не само што денес знаеме како ќе изгледа и какви опции ќе има iPhone во септември, туку ги знаеме и плановите за iPhone 15 и флексибилниот iPhone.
Исто така, познати се два сосема нови производи на чиј развој работи компанијата, а кои би можеле да бидат од големо значење за иднината на Apple.
Станува збор за паметни очила, односно „headset“ уред со поддршка за AR и VR, како и електричен автомобил. Новите информации што деновиве ги објавија технолошките медиуми сугерираат дека Apple не е толку далеку од воведување AR/VR уреди.
Имено, тој уред неодамна беше претставен пред бордот на директори на компанијата, што аналитичарите го сметаат за знак дека се наближува денот на неговото официјално претставување. Следната конференција на Apple е во првата половина на јуни (WWDC) и можеби ќе дознаеме некои детали за Apple Glasses или како и да е името на тој уред. Како што истакнуваат во Bloomberg, не е невообичаено бордот понекогаш да добие увид во раниот развој на нови производи. Бидејќи нивната улога е советодавна, тие мора да бидат запознаени и со инсајдерски информации.
Досега прочитавме различни информации за уредот Apple AR/VR, а последните укажуваат дека моделот претставен пред одборот има три екрани со висока резолуција (еден е надворешен), бројни сензори кои ќе ја следат околината и движењата и ќе се базира на процесор сличен на чипот M1. За цените се уште не се разговарало, но јасно е дека овој уред нема да биде евтин, па веројатно ќе треба да се издвои поголема сума пари за него.
Покрај самиот уред, во последните информации се споменува дека Apple го забрза развојот на rOS, оперативниот систем кој ќе работи со вакви уреди за проширена и виртуелна реалност.