Соработката или колаборацијата е клучна карактеристика на Google Docs и им овозможува на корисниците заедно да учествуваат во измените на содржината, коментарите и друга содржина. Сега е можно да се додаваат реакции преку емотикони на коментарите.
„Новата функција – реакција со помош на емотикони нуди помалку формална алтернатива на коментарите, за да се изразат ставовите на корисниците за содржината на документот“, истакнуваат од компанијата Google во блог пост за новата функција.
Новата опција се појавува кога означувате текст во документ додека сте во „едитинг“ мод. После тоа, ќе видите нова икона “add reaction” со смајли, која ви овозможува да додавате емотикони во делот за обработка на коментари.
Google посочува дека употребените емотикони ќе се споделуваат преку Google chat, па сите параметри и опции поставени во една апликација ќе бидат копирани во друга.
Емотиконите за реакција за Google Docs можеби се лесен начин за додавање повратни информации, но можеби не се соодветни за некои деловни средини. Покрај тоа, корисникот не може да ја оневозможи функцијата и нема администраторски контроли.
Функцијата е официјално достапна од вторникот, а се очекува да помине одредено време додека да стане достапна за сите (во зависност од видот на доменот и регионот).