Сѐ повеќе компании ширум светот се откажуваат од лозинките како метод на заштита на податоците и бараат нов начин со кој ќе осигураат безбедност на чувствителните информации.

Биометриското потврдување користи препознавање на лицето, отпечатоци од прстите или скенирање на рожницата за утврдување на идентитетот.

Производителите на смартфони веќе го воведоа отклучувањето на уреди со биометриска идентификација, а сега сѐ почесто се користи овој начин за отклучување на компјутери, па дури и згради. Според некои истражувања, дури 90% од компаниите до 2020 година ќе користат биометриско утврдување, објави CNN Money.

Меѓутоа, и биометриското утврдување не е непробојно – и биометриските податоци може да се украдат и да се злоупотребат. Експертите веќе покажаа дека е можно да се измамат читачите на отпечатоци на прсти и камерите за „отчитување“ лица и рожница. Се поставува прашањето за приватноста, односно заштитата на ваквите биометриски податоци.

Директивата GDPR што стапува на сила во ЕУ во мај предвидува изречна согласност на граѓаните за користење на нивните биометриски податоци. Сепак, ни биометриските податоци нема да бидат доволно моќни да ги заштитат нашите лични податоци, барем не самостојно.

Експертите сметаат дека за подобра заштита, сепак, ќе биде потребно да се користат две различни методи, како што денес се користи двостепеното утврдување (two factor authentication).

Некои компании развиваат нови методи за заштита засновани на однесувањето на корисникот, на пример во која положба го држиме смартфонот додека го користиме, дали пишуваме со една или две раце, како го повлекуваме прстот при скролање и слично.

Моментално најзаинтересирани за ваков начин на утврдување идентитет се банките и другите финансиски институции, бидејќи можеби можете да направите маска со нечиј лик или да отпечатите нечиј отпечаток од прст, но не можете да го копирате начинот на кој пишува одредени зборови или како го мрда прстот на екран на допир.

Извор: B92.net