Samsung направи огромен исчекор кога го претстави својот прв мобилен уред на преклоп – Samsung Z Fold. Сега компанијата продолжува да иновира во индустријата со патентирање на нов Galaxy уред со екран што ќе го обвиткува целиот уред, од сите страни, во 360 степени.
Иако не е прв, бидејќи првиот мобилен уред од овој тип беше Xiaomi Mi Mix Alpha претставен пред две години, уредот патентиран од Samsung го унапредува концептот на Xiaomi со елиминирање на линијата од задниот дел на екранот предвидена за системот за камери и го поместува во лентата над екранот, со што на корисниците им се обезбедува првиот вистински телефон со екран од 360 степени.
Како што наведува LetsGoDigital, по претставувањето на иницијалниот дизајн за овој тип на мобилни уреди во 2018 година, Samsung сега патентираше понапреден дизајн со непречен екран.
Во текот на јули минатата година, компанијата поднесе барање за патент за слични уреди до USTPO, т.е. Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД.
Сега, тука е и нов патент кој во целост на фокусира на таканаречениот wrap-around екран, односно дисплеј што се обвиткува околу целиот уред, и сето тоа со поддршка за S-Pen. Според информациите прикажани во патентната документација, графичкиот дизајнер Парвез кан претстави повеќе 3D рендери кои овозможуваат подетален и појасен поглед на она што Samsung планира во некој момент на иднината да им го претстави на корисниците.
Првата работа што се гледа е големиот флексибилен екран, кој ги покрива предната и задната страна на уредот, како и страните за единствен и непрекинат дисплеј. Релативно широката рамка на уредот ги крие камерите и сензорите, додека копчето за вклучување е на врвот, бидејќи од страна нема простор за копчињата, поради екранот.