Ако ве загрижија настаните кои беа обелоденети пред неколку дена, во кои беше потврдено дека личните податоци на корисниците на Facebook не се баш приватни, тогаш со сигурност ви требаат неколку совети што ќе ви помогнат да се чувствувате барем малку побезбедни додека ја користите оваа социјална мрежа.
Најпрво, добрите вести. Опцијата која им овозможуваше на компаниите како Cambridge Analytica да собираат информации за корисниците не е повеќе на Facebook.
Пред 2016 година Facebook апликациите можеа да побараат пристап не само до вашите, туку и до податоците на вашите пријатели. Тоа значи дека околу 300.000 луѓе се согласиле да направат некаков квиз, а во тој процес дале пристап до информации на 150 пати повеќе луѓе.
Апликациите се оние кои ги споделуваат вашите приватни податоци со социјалната мрежа и со екстерните компании кои по некоја случајност имаат пристап до нив. Затоа, треба да ги тргнете сите апликации на кои се приклучени преку вашиот Facebook профил. Одете во App Settings менито на Facebook, каде ќе забележите дека е достапна листа од сите апликации кои се поврзани со вашиот Facebook профил. Оние кои ги препознавате и ги користите, оставете ги на мира. Сите останати можете да ги избришете со едноставно притискање на „x“, кој се наоѓа на десната страна од апликацијата.
Доколку сметате дека и понатаму не сте безбедни на овој вебсајт, најдобро е да го деактивирате профилот. Тоа не е едноставен процес, туку бара повеќе чекори и ќе ви одземе значително време. Обичното притискање на „Deactivate“ нема да го избрише вашиот профил, туку само ќе го скрие од останатите присутни на Facebook.
Најпрво, треба да отидете во менито Help и потоа да го отворите документот „How do I permanently delete my account?“. Оттаму треба да кликнете на let us know делот, кој ќе ве одведе на вистинската страна преку која можете да го избришете вашиот Facebook профил. Со притискањето на Delete my account ќе добиете пристап до друг екран, каде ќе треба да ја внесете вашата лозинка и да докажете дека не сте робот, за на крајот вашиот профил навистина да биде деактивиран. Две недели подоцна, Facebook ќе почне со процесот од 90 дена во кој ќе бидат избришани сите ваши податоци од мрежата.