Престижната награда за Европски автомобил на годината за 2022 година заминува во редовите на Kia за целосно електричниот EV6, кој е првиот автомобил некогаш направен од корејскиот производител кој ја освојува престижната Car of the Year награда. Kia EV6 успеа да триумфира во конкуренција на шест други автомобили кои конкурираа за големото признание.
Kia EV6 е само третиот целосно електричен кој ја освојува оваа награда, а до истата дојде освојувајќи 279 поени. Најголемите конкуренти за наградата оваа година исто така беа целосно електричи автомобили. На второто место заврши Renault Megane E-Tech Electric со 265 поени, а зад него заврши Hyundai Ioniq 5 со 261 поен.
Далеку зад нив завршија новиот Peugeot 308, Škoda Enyaq, Ford Mustang Mach-E и Cupra Born. Интересно, од сите финалисти, само Peugeot 308 не е целосно електричен автомобил, иако францускиот хечбек се очекува да добие и ваква верзија наскоро.
„Голема е честа што ја освоивме наградата за Европски автомобил на годината за 2022 со EV6, првиот модел на Kia со оваа престижна награда. EV6 е возбудлив знак за она што допрва ќе пристигнува во нашата еволутивна електрифицирана постава“, изјави Џејсон Џеонг, претседателот на Kia Европа.
Панелот за Европски автомобил на годината е составен од членови на девет автомобилски публикации во девет земји и е независен од производителите. Оваа година групата истакна дека нема да ги брои гласовите од руските членови како реакција на нападот на Русија врз Украина. Организаторите велат дека и покрај одлуката за суспензија на руските членови и нивното право на гласање, тоа нема никакво влијание врз конечниот резултат на гласовите.
Наградата за Европски автомобил на годината се одржува традиционално секоја година во овој период од годината непосредно пред почетокот на Салонот за автомобили во Женева, кој и годинава е откажан, трета година по ред.