Raspberry Pi мини компјутерот сега е истрениран да детектира малвер кој активно ги напаѓа корисниците
Pi Malware Detection системот за откривање на малициозен софтвер се потпира на електромагнетни бранови емитирани од компјутерот на потенцијалната жртва за да открие злонамерна активност. Истражувачите за сајбер безбедност тврдат дека системот постигнал точност од дури 99,82 проценти за време на тестирањето.
Тим од Институтот IRISA заеднички создаде уникатно решение за откривање малициозен софтвер. Системот за откривање малвер, наводно, не пресретнува никаков софтвер или не истражува пакети со податоци што влегуваат или излегуваат од компјутерот. Наместо тоа, Raspberry Pi ја проценува, со изненадувачки висока стапка на точност, вистинската активност на малициозниот софтвер преку анализа на електромагнетни бранови.
За да развијат систем за откривање на малициозен софтвер, истражувачите го поврзаа Raspberry Pi со осцилоскоп и сонда со H-поле за да ги откријат промените во електромагнетното поле.
Едноставно кажано, истражувачите го истренираа Raspberry Pi да препознава абнормални шеми на електромагнетни бранови што се емитуваат од компјутерите кога ќе бидат нападнати од малвер.
Најголемата предност на Raspberry Pi Malware Detection системот е тоа што се работи за надворешен систем за следење, што значи дека корисниците не мора да инсталираат никаков софтвер на потенцијално целни уреди.
Истражувачите најавуваат уште повеќе тестови и дотерување на системот, за тој да биде подготвен постојано да открива нов малициозен софтвер.