Американската вселенска агенција NASA избра три компании кои ќе добијат владини средства за развој на приватни вселенски компании.
Од вкупно 11 предлози, NASA ги избра Blue Origin, Nanoracks LCC и Northrop Grumman, кои ќе добијат повеќе од 400 милиони долари федерално финансирање преку три посебни договори.
NASA побара предлози во јули за нејзината програма за развој на комерцијална ниска орбита на Земјата (CLD), која има за цел да го поддржи развојот на комерцијални вселенски станици. Тоа е дел од поголемиот план за замена на Меѓународната вселенска станица со комерцијални вселенски станици. Преку овој модел, NASA би била клиент на комерцијалната вселенска индустрија, што би ѝ овозможило да ги намали трошоците и да се фокусира на истражувањa.
Blue Origin ќе добие 130 милиони долари за развој на станицата Orbital Reef во соработка со Sierra Space, која претходно го произведе вселенското летало Dream Chaser. Blue Origin вели дека станицата ќе биде оперативна до втората половина на деценијата.
Nanoracks LCC доби 160 милиони долари за концептот на Starlab станицата. Станува збор за заеднички проект со Voyager Space i Lockheed Martin, а станицата е дизајнирана за четворица астронаути и врши напреднo биолошко истражување, истражување на материјали и друго. Лансирањето на оваа станица е планирано за 2027 година.
На Northrop Grumman му припаѓаат 125,6 милиони за да развие комерцијална станица со користење на постоечките технологии, како вселенското летало Cygnus, кое моментно се користи за транспорт на товар до ISS. Northrop соработува со Dynetics на концептот на модуларна вселенска станица, а во иднина на проектот ќе се приклучат уште некои партнери.
Axiom Space, компанија со седиште во Хјустон, доби средства во јануари 2020 година за да развие комерцијален модул што ќе биде додаток на ISS. Овој пат не доби никакви средства.