Третата доза од вакцината против коронавирус на „Фајзер“ го намалува ризикот од инфекција за дополнителни 80 проценти или многу повеќе од заштитата што ја обезбедуваат првите две дози, велат истражувачите од Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Јеил во американската сојузна држава Конектикат.
Комисијата на американски здравствени советници со тесно мнозинство го поддржа лекот „молунпиравир“ на компанијата „Мерк“ против коронавирусот, со ова велат тие се отвора патот за регулаторните тела да ја одобрат првата таблета со која Американците ќе можат да се лекуваат дома од коронавирус.
Комисијата за храна и лекови гласаше дека придобивките од земањето на лекот ги надминуваат ризиците, вклучително и потенцијалната штета за фетусот ако лекот се зема за време на бременост.
Препораката беше објавена по неколкучасовна дискусија за умерените придобивки од лекот и можните проблеми поврзани со неговата безбедност.
Експертите кои го поддржаа лекот нагласуваат дека не треба да го земаат бремени жени и ја повикаа ФДА да препорача дополнителни мерки на претпазливост пред да го препише лекот, што вклучува и тестирање за бременост, пренесуваат агенциите.
Комисијата особено ја поддржа употребата на лекот кај возрасни со поблаги форми на Ковид-19 кои се изложени на зголемен ризик, вклучително и постари лица и луѓе кои страдаат од состојби како што се дебелина или астма.
Повеќето експерти веруваат дека лекот не треба да се користи кај вакцинирани пациенти.
Се очекува до крајот на годината Комисијата за храна и лекови да донесе независна одлука.
Таблетата на „Мерк“ веќе е одобрена во Велика Британија.
Поврзани артикли